Friday, July 6, 2018

Од дневникот за Чимборацо, Март 2018



Чимборацо, бивак,  5385м,                                                                                              10/03/2018
17 часот и 47 минути
                                                  
Тргнав накај Чимборацо, земав основни работи со намера да спијам во домот на 4800м, но и со мала помисла за можен бивак.
Имам само вреќа, без подметач, ниту шатор. Сега сум на 5385м, го изградив бивакот од камења што ги имаше наоколу, за да ме заштити од ветрот, само со надеж дека нема да заврне ниту пак ќе има снежна бура, бидејќи немам никакво засолниште над глава. Имам малку вода и нешто овошје. На оваа планина воопшто нема вода а снегот почнува дури од 5600м.
Стигнав до овде со појдовна точка каде што ме остави превозот кој го фатив на автостоп, точно пред влезот на националниот парк на околу 4400м. Тоа е нормална висина каде се движат автомобилите овде поминувајќи планински превои за да стигнат од едно до друго населено место.  Значи, поминав 1000 висински метри денес и сакав да продолжам да одам, но веќе беше доцна. Стигнав овде кон 13:30 - 14 часот, а сеуште не бев ни близу почетокот на глечерот. Се чувствував истоштена и бавна, можеби заради висината иако до минатата недела неколку пати се искачив над 5000 метри. Може и од инфекцијатта што ме држеше минативе денови. Со заморот на телото, опаѓа и мотивацијата, а и стравовите навасуваат. Ми беше чудно страв од тоа што сум сама среде олкава планина и уште ќе преспијам на отворено на сепак предизвикувачка висина. Свесна за целата ситуација, се обидов да го анализирам стравот и неговото потекло. Зошто или од што точно се плашам? Диви животни таму горе нема. Луѓето кои знаат да се поопасни од дивите животни, исто така ги нема. Тотално сум сама. Местото беше доста безбедно на сигурна оддалеченост од лавински опасна зона. Значи едноставно беше самотијата која можеби ме мачи или застрашува.
Го најдов висинскиот логор што личи доста удобно, особено ако имаш шатор. Искористив се што имав од самиот ранец до покривката за дожд и тн. за да си постелам бивак. Сега некако да ја поминам ноќта бидејќи рано околу два наутро, ќе треба да тргнам нагоре. Само што заспав ме разбуди чудна светлина од сонцето што се навали над хоризонтот, исто така само на целиот небесен свод. Станав за да го набљудувам и да фотографирам со телефонот, единствената камера на ова патување. Се одушевував на пејзажот толку различен од се' што имав дотогаш видено. Џиновски вулкан изникнат среде никаде, и уште сега имав чест да го видам од поинаква перспектива, со поглед кон врвот и кон целата долина која како да ја штити во својата широка прегратка. Тоа беше  најубавиот момент таа вечер, разрешување на прашањето за стравовите и комплетно препуштање на планината која допрва почнував да ја запознавам.
Ми се пристори дека слушнав гласови околу 2 часот, од што и се разбудив пред алармот.
Дури еден час потоа ги видов нивните челни лампи веќе над карпата Кастило, влезени во циг - цаг разгазена патека нагоре, према првиот врв. Веднаш го прибрав бивакот и ја сокрив вреќата, со цел да тргнам нагоре што полесна. 
Околу три и нешто патеката по сртот почна да се стеснува со две стрмни страни  ронлив вулкански камен, кои завршуваат во една исправена кула. 'Ил кастило', како џиновска порта кон горниот дел на планината и самиот почеток на глечерот на околу 5 600 метри висина. Следниот час и нешто, испробував различни пристапи, обидувајќи се да сфатам од каде треба да ја поминам карпата, со оглед на големата ронливост. Помислив на неколку варијанти на истражување, но притоа трошев доста време и енергија. Искрено не знам дали ме фати некоја мрза, страв или што?
Светилките на тие планинари почнаа да се оддалечуваат и ме поттикнаа да одлучам да се вратам во мојот ексклузивен бивак, да си поспијам уште малку додека да подраздени, за да можам да видам од каде води патот. Така и бидна. Се вратив во кампот со преубава глетка, си легнав во однадвор заледената вреќа, која уредно ја спакував пред да тргнам нагоре. Вреќата се покажа одлична. Како подметач го искористив ранецот, кондурите, дерезите и покривката за дожд. Дури и оваа тетратка заедно со книгата на Екхарт Толе на бугарски, се најдоа во улога на термичка изолација, додека првата помош ми беше незаменлива перница.
Низ камењата од изградениот бивак , кој го гредев неколку часа вчера, проѕираа портокаловите нијанси на изгрејсонце, неколку часа подоцна. Слично како и залезот вчера што понуди неповторлива шоу програма, што ме разбуди за повторно да поуживам во тој магичен момент.
Имав среќа со времето. Навистина беше тивко и не премногу ладно што можев спокојно да отспијам иако под отворено небо. Ѕвездите ми беа показател за времето што ме очекува.
Повторно се будам со поглед на планината. Овојпат во розевкасти пастелни тонови и двете точки кои како да стоеа во место, но толку бавно се движеа нагоре.  Некако дури на истото место каде што беа челните лампи неколку часа порано.  Не знаев дали беа истите планинари, или други, но подоцна дознав дека била група од пет - шест луѓе од кои повеќето се вратиле а некои продолжиле кон врв.  Повторно сум сама и единствениот шум наоколу е сопствениот здив. Сега веќе беше убаво разденето за да можам да ја видам препреката и карпата каде што заглавив во ноќта. Заради аклиматизација претходниот ден поминав цело поладне и цела ноќ на кампот на 5 500 метри, каде што нема никаков пристап до вода, а онаа која ја понесов не беше доволна за толку долг престој на планината. Имав огромна среќа што на кампот пронајдов пола литарско шишенце со вода, неотворено што најверојатно му испаднало од ранецот на некој планинар. Сепак не беше доволно за да ме држи хидрирана следните најмалку 6 часа кои ме очекуваат до врвот. Се обидов да ја анализирам кулата Кастиљо, претпоставувајќи за можните патеки кои ја заобиколуваат и пролжуваат нагоре кон глечерот.
Всушност за овие неколку планини во Еквадор, задолжитечно е според законот на државата да се оди со верификуван локален водич, кој секако јас го немав. Токму затоа водичите не ја кажуваат точната патека ниту пак претходно ме предупредија за можните препреки, не поддржувајќи ја мојата одлука да одам сама.
Одлучив дека сум задоволна од аклиматизацијата со оглед на тоа дека имав нешто помалку од пола шишенце вода и речиси никаква храна, дојадувајќи ги гуајавите  и другите овошки, лепчињата што ги најдов во кујна со остатоците сирење и краставички. Така без доволно резерви, и веќе доцна за нов обид нагоре, знаејќи дека најдоцна кон 9 часот сабајле вулканот секојдневно се затвора меѓу дебели, влажни облаци, се подготвив за слегување надолу. 
Не знам дали донесов правилна одлука, но знаев дека повторно ќе дојдам во подобра форма и организација. Иако речиси сите работи беа погодени, јас се почуствував неспремна. Не зборувам физички, но и со тоа што не ја имав воопшто проучено планината и не понесов доволно ресурси.

10 Март, свадбата на Јоа и Игор
Чимборацо 6268м, точно на зајдисонце.
Иако од далеку се чини дека Чимборацо е една обична прошетка до речиси 6300 метри, планината воопшто не е така наивна. Спаѓа во групата на глацијални или леднички вулкани, што секогаш бара искуство и знаење за движење за движење во глечер. Не само препорачано туку и задолжително според законот во оваа држава, е да се оди со сертифициран локален водич.
Сепак, јас во мој стил кој ми е поблизок и по чист со планината, одев сама проучувајќи неколку можни линии за искачување и слегување. Токму заради правилото за искачување исклучиво со водич, никој не дава информации за патеката ниту пак истата е бележана. Во долниот дел постојано демне огромна опасност од камења што паѓаат на лизгавиот терен од ситни камчиња скаменета лава, кои на секор чекор те враќаат пола чекор удолу. Постојат и неколку карпести препреки кои треба да се искачат или заобиколат, што не е најпријатно чувство бидејќи карпата е многу ронлива и тоа на обичен допир.
Штом стигнав до глечерот на 5600 метри ми олесна, бидејќи сакам таков терен. Константно стрмна падина која води до врвот.  Можев да видам стапалки во форма на цик - цак патека, но и други стапалки кои оделе директно нагоре. Бидејќи се чувствувам силно, веќе добро аклиматизирана се движев нагоре се' додека смртно не се преплашив пропаѓајќи со едната нога во отворен кревас, кој не го предвидив. Тука веќе ја имав загубено патеката и се обидов да следам други стапалки, кога повторно се најдов речиси до половина пропадната во сината дупка, која одеше надолу до недоглед покажувајќи ги сите бои од сина до темна индиго боја на стариот дебел глечер. Навистина се преплашив, свесна дека е тотално погрешна идеја да одам кон врв на зајдисонце како што имав замислено иако глечерите се качуваат по добро познато правило рано наутро или во тек на ноќта. Искрено не планирав да искачувам преку 2000 метри висина во еден ден, односно планирав повторно да спијам во бивак на 5500 метри и рано наутро да тргнам нагоре. Но, некако планината ме повлече. Беше кристално чист ден без многу ветер и иако доцна попладне одлучив да продолжам нагоре бидејќи пресметав дека нема да ми требаат повеќе од 3 часа до врвот. Како и да е, имав луда среќа бидејќи истиот пат надолу меѓу кревасите и мекиот снег кој наеднаш се скамени со заоѓањето на сонцето, требаше во обратен правец да го поминам во мрак.
Вреќата за спиење и други работи кои го правеа ранецот потежок, сепак ги носев со себе некаде до почетокот на глечерот, неможејќи да лоцирам соодветно место за преспивање каде би ги оставила. Овој пат се искачував од друга патека и не поминав покрај онаа камп локација која ми е веќе добро позната и идеална за бивак, која сега беше предалеку. Работите ги имав оставено фиксирани за да не ги однесе ветрот, некаде во дното на глечерот. Сега во темнината не бев сосема сигурно дека лесно ќе ги најдам. Одејќи надоле по планината која стануваше се' потемна, првиот предизвик ми беше да го поминам глечерот, без да пропаднам во зинатите дупки. Следна цел беше да стигнам до точката каде ги имав оставено вреќата и останатите работи. Секој чекор надолу си велев, „само да стигнам до вреќата и спасена сум, ќе можам да се засолнам од студот било каде и ако треба да го почекам утрото“. Токму таму теренот не нудеше многу услови за засолнување. Постојано демнеа опасности кои доаѓаа од заледеното поле одозгора, како и од ронливите камења долж патеката. Следната цел беше да ја поминам црвената карпа и да стигнам до кулата Кастило,  одбирајќи да се симнувам по таа патека која веќе ја знаев од првичната аклиматизација пред некој ден.  Околу кастило бев убедена дека ќе најдам и место за ноќевање. Постојано си ги поместував целите и мотивацијата, расцепкани исто како што се опишани и овде. Си велев: „Ајде сега имам вреќа, уште само 150 метри надолу да ја симнам ронливата црвена стена во ноќта“. И понатаму си повторував: „Уште само 100-тина метри да најдам мала рамнина и засолниште“. Така и бидна, со огромно внимание но и голема среќа, стигнав до импровизирано бивак место на околу 5550 метри надморска висина, овој пат од другата страна на кулата Кастилло, каде имаше помалку камења за да изградам засолниште, а веќе бев и уморна така што се задоволив со поскромна градба. Ветерот се појачуваше носејќи со себе песок и вулканска прашина, кои чувствував како ги исполнуваат сите мои отворени дупки и шуплини, безмилосно навлегувајќи во ушите, устата, носот и очните јаболка.
Спиев по втор пат под отворено небо и бев навистина задоволна од вреќата која добро се покажа.
Од кога се вовлеков во вреќата покриена преку глава со последната цртка на батерија во телефонот, си ги навратив сеуште свежите импресии од врвот, каде успеав да снимам едно видео посветено на миоте пријатели Игор и Јоана. Нивната свадба се славеше во истиов период  денес  во  Букураманга, Колумбија, каде  не успеав да појдам, па затоа одлучив ова мое искачување да биде нивни сведбен подарок. Бидејќи не наоѓам соодветни зборови да го опишам чувството на врвот, мојата искрена насмевка на видеото доловува еден мал дел од моментот, кој беше повеќе од величенствен. На видеото доминираат портокаловите тонови од сончевите зраци кои заоѓаат, на овој магичен врв, највисокиот вулкан во Еквадор (6268m) и воедно најблиска точка до сонцето. Имено, мерено од центарот на земјата според некое научно истражување, Чимборацо е највисока планина на земјата за неколку метри повисока од монт Еверест. Ја остварив својата луда и опасна желба да бидам таму горе токму на залез, речиси да го допрам сонцето, збогатувајќи ја колекцијата на искачени 6000-ници до вкупно 6. Сеуште размислувајќи на можните опасности на кои некако им побегнав денеска, ја толкував оваа лекција како едно сериозно предупредување. И покрај тоа што уште следниот ден штом слегов во цивилизација, размислував за нов подвиг и нова планина, сепак застрашувачките мисли од длабоките креваси во кои се најдов пропадната речиси до половина, се секојпат тука да ме потсетат, како не треба!

Thursday, July 5, 2018

Strong as a rock / Силни како карпа

Погледнете кратко видео и фото извештај од неодамнешниот женски качувачки камп кој се одржа во Охрид и Преспа од 22 до 24 Јуни 2018.
Настанот беше поддржан од Федерација на планинарски спортови на РМ, Спортско качувачка федерација на РМ, Ски Македонија, Глобална Спортска Менторска Мрежа на Стејт департментот на САД, Бартон сноубордс и Виталија МК.


Кликнете на следнава врска за целосен извештај:
Силни како карпа, качувачки камп за девојки

или на следнава врска, само за видео:https://www.youtube.com/watch?time_continue=60&v=NyQ9oO---I0





This is HERstory

„Ова е нејзина приказна“ или „Ова е нејзина историја“ - This is HERstory Игра на зборови која доаѓа по инспирација на мојата ме...